Спасовски: Безбедносната состојба во државата е стабилна

Состојбата во државата е стабилна од безбедносен аспект, немаме некакви индиции за можно нарушување на целата таа состојба, оценува министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју за Гласот на Америка на македонски јазик.

Тој посочува дека е факт оти глобалните геополитички случувања, пред сè, руската агресија врз Украина, сега и случувањата во Израел и Палестина, но и конфликтите и тензиите коишто се на северот на Косово имаат сериозно влијание врз состојбите претежно во областа на безбедноста.

„Токму заради тоа не само Министерството за внатрешни работи, туку генерално и сите безбедносни служби, агенции во рамките на Република Северна Македонија преземаат се на дневна основа за да можеме да ја одржиме состојбата безбедна и стабилна и секако согласно на се она што може да има импликации да превенираме какво било нарушување на безбедноста“, вели Спасовски.

Во таа насока, министерот потенцира дека мора да се цени и она што го прави државата како членка на НАТО бидејќи тоа влијае позитивно врз безбедноста на државата.

„Не сме сами, сега имаме веќе силен сојуз, сме дел од најголемиот воено-политички сојуз со силни партнери внатре со којшто заедно работиме практично за обезбедувањето и на нашата, меѓутоа и на регионалната и на глобалната безбедност“, посочува Спасовски.

 

 

slobodnaevropa.mk