Спасувачки тимови од Холандија и Романија на пат кон Турција

Спасувачките тимови од Холандија и Романија веќе се на пат за Туркије за да и укажат помош по разорниот земјотрес, изјави денес европскиот комесар за управување со кризи Јанез Ленарчиќ, известува Анадолу.

„Центарот за координација на ЕУ за итни ситуации го координира распоредувањето на спасувачките тимови од Европа. Тимови од Холандија и Романија се веќе на пат“, објави Ленарчиќ на Твитер, изразувајќи солидарност со Туркије.

Разорен земјотрес ја потресе рано утринава турската јужна област Кахраманмараш.

Управата за вонредни состојби на Туркије (АФАД) објави дека интензитетот на земјотресот изнесувал 7,4 степени според Рихтер, со епицентар во местото Пазарџик, а потресот се случил во 4:17 часот наутро.

„Најмалку 284 лица загинаа, а 2.323 се повредени во земјотресот со интензитет од 7,4 степени според Рихтеровата скала што рано наутро ја потресе јужна Туркије“, изјави потпретседателот на Туркије Фуат Октај.

извор:Анадолу.

фото:Анадолу.