Средства во износ од 2.000.000 денари за изработка на идејно решение и почнување активности за изградба на спомен-обележје за починатите во пожарот во Кочани треба да се одбезбедат со Предлог-одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите за 2025 година, што денеска доби поддршка од матичната собраниска комисија.
Со предложената прераспределба на буџетски средства ќе се обезбедат и 600 милиони денари за инфраструктурни и капитални проекти за развој на општините, како и 242,3 милиони денари за исплата кон заштитни друштва по основ на поврат на платени придонеси.
Предлог-одлуката без расправа доби поддршка во собраниската Комисија за финансирање и буџет, чии членови на предлог на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков поддржаа и амандман со неа да се опфатат и средства за спомен обележјето.
Лефков во образложение на амандманот рече дека одлуката е во координација со семејствата на настраданите во пожарот од 16 март годинава во кој загинаа 62 лица, а околу 200 се повредени, а произлегува, како што рече, од нивната и нашата заедничка желба барем дел од болката да преточиме во достоинствено сеќавање, а трагедијата никогаш да не се повтори.
„Сакаме да оддаме почит, но и да оставиме траен белег што ќе повикува на одговорност и безбедност на идните генерации. Барањето е овој споменик да биде поставен во централното градско подрачје, таму каде што ќе биде видлив како жив спомен, но и како предупредување. Ова не е момент за политика, ве замолувам сите за поддршка, ова е момент за заедништво, почит и сеќавање, рече Лефков.
Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски во образложение на Предлог-одлуката соопшти дека со неа се врши реалокација на средства во износ од околу 600 милиони денари наменети за инфраструктурни и капитални проекти за развој на општините, согласно објавениот повик и утврдени критериуми од страна на надлежните министерства.
skopjeinfo.mk