Според ФАО 733 милиони луѓе ширум светот минатата година се соочиле со глад – или секој 11. жител на Земјата

Воените судири, економската нестабилност и се почестите временски услови придонесоа за недостиг на храна а 733 милиони луѓе ширум светот минатата година се соочиле со глад, се наведува во новата студија на Организацијата за храна и земјоделство (ФАО).

Приближно 29 проценти од глобалното население е принудено да прескокне еден оброк дневно. Секој 11 жител на Земјата се соочува со проблем на гладот, а најизразено е во африканските земји, каде секој петти граѓанин страда од глад.

Во документот на ФАО се наведува дека хроничниот недостиг на храна во светот и понатаму е голем проблем и оти предвидувањата на Обединети нации дека гладот ќе биде искоренет до 2030 година е под голем знак прашалник.

Ние сме во полоша ситуација од пред девет години, кога ОН одлучи да го искорени гладот во светот до крајот на оваа деценија. Доколку продолжи овој тренд, приближно 600 милиони луѓе ќе бидат хронично ненахранети до крајот на 2030 година, од кои половина ќе бидат жители на Африка, изјави еден од авторите на студијата, економистот Дејвид Лаборд.

Податоците покажуваат дека минатата година здравата храна била прескапа за повеќе од една третина од жителите на нашата планета. Дури 75,1 отсто од жителите на сиромашните земји не можеле да си дозволат квалитетна храна, за разлика од состојбата во побогатите земји каде само 6,3 проценти од граѓаните немале доволно средства за здрава исхрана.

– Според последните процени ќе бидат потребни речиси четири трилиони долари инвестиции на глобално ниво за да се искорени гладот до крајот на деценијата и наместо повремени итни пратки на вреќи со ориз и со брашно, со здружени сили треба да се финансираат малите земјоделски производители, да се обезбеди евтина енергија за многу рурални делови на светот и економски да се поддржи изградбата на големи системи за наводнување, особено во посиромашните земји, посочи Лаборде.

Извештајот на ФАО ќе биде презентиран и на овогодишниот Самит на Г-20, што ќе се одржи на 18 ноември во Бразил.