Царински службеници на граничен премин Богородица спречија обид за криумчарење на сребрен накит во вредност од 430.880 денари. Сребрениот накит е запленет, а до едно лице е поднесена кривична пријава до ОЈО Гевгелија за сторено кривично дело криумчарење.
Имено лицето во вечерните часови пред полноќ, на влез на граничниот премин се пријавил со туѓ автомобил за што имал одобрение за управување. Поради сомневање селектиран е за детална контрола, при што во фабричките празнини зад предните бришачи, како и во фабричката празнина зад фиоката пред совозачкото седиште пронајдени се 387 парчиња нараквици, 134 пара обетки и 759 ланчиња. Случајот е предаден во Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги од каде е поднесена кривична пријава.
Царински службеници на граничен премин Дојран спречија обид за нелегален внес на девизи, при што запленети се 9.250 евра. Имено при контрола на автомобил со странски регистарски таблички управуван од грчки државјанин царинските службеници пронашле 19.250 евра, при што согласно Законот за девизно работење му се вратени 10 илјади евра, а останатите се запленети.
На граничен премин Табановце во изминатиот период беа спречени обиди за криумчарење злато, лаптопи како и друга вредна стока:
Странска државјанка се обидела со изнајмен автомобил во кој патувала како сопатник да шверцува златен накит вреден 600 илјади денари. Во обидот е спречена од царинските службеници, кои при контрола на автомобилот во чантата во нејзина сопственост пронајдоа разновиден златен накит со тежина од 200 грама. Станува збор за една круна, ланче со три монети, ланче со седум монети, две ланчиња со пет монети, ланче со единаесет монети и две нараквици. Против неа е поднесена кривична пријава.
Царинската служба за мобилен скенер на влез во државата на граничен премин Табановце, заплени 284 парчиња облека, откако истите ги пронајде при контрола на камион со бугарски регистарски таблички. Случајот е откриен откако при скенирање на камионот со мобилен скенер е утврдено дека во камионот има неправилности, по што е направена физичка контрола и се пронајдени непријавените парчиња облека.
4news.mk