Спречен обид за шверц на добиток од македонска на албанска територија

Припадниците на албанската гранична полиција уапсила две лица, во близина на граничниот премин „Блато“, кај Дебар, во обид илегално да внесат добиток од македонска на албанска територија.

Приведени се М.Ц.(69) и А.Ц.(38), татко и син, жители на погранично село Блато. Откако набавиле повеќе грла крупен добиток-телиња во Македонија, преку зелениот граничен појас истите ги пренеле на албанска територија, кои потоа имале намера да ги продаваат. Истрагата ќе биде проширена и на македонска територија, во соработка со колеги, со цел да се откријат и други лица вмешани во шверцот со добиток, соопшти полицијата.

Во близина на овој граничен премин, неодамна, албанската гранична полиција приведе две лица, жители на блиското погранично село Маќелари, кои превезувале повеќе грла групен добиток без соодветна документација, прошверцувани преку зелениот граничен појас кај Дебар.

Обид за шверц на добиток, деновиве спречија и македонските полициски службеници од полициската станица за гранични проверки и граничен надзор „Блато“ при Регионалниот центар за гранични работи-Запад, кои од слобода ги лишија О.З(44) и еден малолетник, двајцата од Дебар поради сомнение за сторено кривично дело „шверц на жив добиток преку државна граница“.

Полициите на двете земји, најавија засилени мерки за спречување на оваа појава, која е зачестена, поради повисоката цена на месото во Албанија.