Спречен организиран криминал со употребувани возила, запленети 35 автомобили

Царинската управа преку Секторот за контрола и истраги откри и спречи организирана мрежа во која увозници, шпедитери, возачи вработени во превозни компании и царински службеници организирано вршеле кривични дела со употребувани возила. Возилата на нелегален начин биле ставани во промет и завршувале на авто-плацеви во земјава без да се платат увозни давачки.

Како што соопшти денеска директорот на Царинска управа Бобан Николовски, запленети се 35 автомобили со вкупна вредност од 20 милиони денари, при што врз Буџетот на државата преку избегнување плаќање увозни давачки е нанесена директна штета од девет милиони денари.

Постои сомневање, рече Николовски на прес-конференција, дека избегнатите давачки и штетата нанесена на Буџетот на државата е многу поголема, зашто е голема веројатноста изминатите години овие дела да се случувале повеќекратно.

-Досега, до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се поднесени кривични пријави за 24 лица, 19 физички и пет правни лица, за сторени кривични дела: царинска измама, прикривање стока од сторено кривично дело царинска измама, фалсификување и злоупотреба на службена должност и овластување. Со целосно завршување на предистражните и истражните дејствија, кривични пријави ќе следат за други лица, при што некои од нив ќе се теретат за повеќекратно извршување на исти или слични дела. Во однос на царинските службеници кои извршиле злоупотреба на службена положба и овластување, во тек се дисциплински постапки, по што ќе следат соодветни казнени мерки, потенцира Николовски.

 

 

 

kurir.mk