Спроведена втората размена меѓу Русија и Украина, ослободени по 307 заробеници од двете страни

Руското Министерство за одбрана денес објави дека Москва и Киев ја спровеле втората рунда од големата размена на заробеници, за време на која на двете страни биле вратени по 307 припадници на вооружените сили, известува Анадолу.

Размената беше спроведена врз основа на договор постигнат минатата недела во Истанбул.

„На 24 мај, во согласност со руско-украинскиот договор постигнат на 16 мај во Истанбул, уште 307 руски војници беа вратени од територијата под контрола на режимот во Киев“, соопшти руското министерство.

„Во размената, 307 украински војници беа вратени во Киев“, се додава во соопштението.

Според руското министерство, вратените руски војници и цивили моментално се наоѓаат во Белорусија, каде што им се укажува психолошка поддршка и медицинска помош. Сите ќе бидат префрлени во медицински установи во Русија за понатамошно лекување и рехабилитација.

Во соопштението се додава дека се очекува продолжување на размената во наредните денови.

Еден ден претходно, Русија и Украина ја спроведоа првата рунда размени во која секоја страна ослободи 270 војници и 120 цивили.

 

извор:АНАДОЛИЈА