Средба Исени – Филипиду: Со заеднички сили во управување со миграциите и борбата со илегалната миграција

Заменик Министерот за внатрешни работи Астрит Исени денеска оствари работна средба со делегација од Амбасадата на Република Грција во Скопје, Н.Е. Софија Филипиду. Во придружба на почитуваната Амбасадорка беа и Димитрис Каиридис, поранешен министер за миграција и азил, и полициското аташе на Република Грција во земјава, Димитриос Лиаскос.
На средбата Заменик Министерот Исени ја подвлече важноста, но и посветеноста на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија за продлабочување на меѓусебната соработка и на стратешко и на оперативно ниво, истакнувајќи притоа дека единствено со заеднички сили и волја можеме да постигнеме успех и да бидеме ефикасни во борбата против илегалната миграција и воопшто во управувањето со миграциите.
Двете страни воедно ја потврдија и неопходноста за соработување и содејство не само на билатерална основа, туку и во рамки на регионални и меѓународни иницијативи, каде што токму можноста за разменување на искуства, приоритети и предизвици може да даде голем придонес во управувањето со миграциите и во борбата со сите форми на криминал, истовремено овозможувајќи воспоставување и зајакнување на нови и постоечки партнерства.
Средбата заврши со уверување од двете страни за натамошна интензивна соработка во сите области на дејствување на Министерството за внатрешни работи.