Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денес оствари работна средба со пакистанскиот амбасадор со седиште во Софија, чија надлежност ја покрива и Македонија, Н.Е. Модсар Чаудари.
Оваа средба беше искористена за продолжување на разговорите за интензивирање на соработката во полето на безбедноста отпочнати за време на претходната средба со пакистанскиот министер за внатрешни работи, Сајед Мохсин Раза Накви.
„Амбасадорот Чаудари уште еднаш ја потврди волјата на Министерството за внатрешни работи на Пакистан за потпишување на договор за реадмисија со македонското Министерство за внатрешни работи, што би било особено корисно за нас во борбата против нелегалната миграција како земја низ која транзитираат нелегални мигранти со пакистанско потекло. Воедно, се осврнавме и на постапката за потпишување на договор за полициска соработка, кој, меѓу другото, би опфаќал и соработка која би се реализирала преку Центарот за обука при Министерството за внатрешни работи. “, потенцираше министерот Тошковски.
Двете земји и покрај географската оддалеченост имаат заедничка цел – обезбедување на безбедна средина за живот на своите граѓани со почитување на нивните права и во таа насока двете страни изразија подготвеност и подготвеност и желба за интензивирање на соработката.