Српскиот премиер во заминување, Милош Вучевиќ, денес изјави дека евентуалното повлекување на Соединетите Американски Држави (САД) од КФОР на Косово може да доведе до усложнување на безбедносната ситуација, јавува Анадолу.
Одговарајќи на прашања на новинарите за време на посетата на Сараево, Вучевиќ ги коментираше написите во германските медиуми дека САД ќе се повлечат од базата „Бондстил“ во Косово и што ќе значи тоа за Приштина.
Според него, дали САД ќе излезат од КФОР зависи од одлуката на претседателот Доналд Трамп и неговата администрација. Нагласи дека Србија ќе ја следи ситуацијата.
„Тоа може да ги направи посложени безбедносните услови во Косово и Метохија. И сето ова геополитичко случување во врска со Украина и односите меѓу партнерите во НАТО, сето тоа се поклопува“, рече Вучевиќ по средбата со митрополитот Дабробосански Хризостом.
Тој нагласи дека според Кумановскиот договор, КФОР е задолжен за безбедноста на сите граѓани на Косово, особено кога станува збор за српската заедница, нагласувајќи дека е апсолутно неприфатливо косовските сили да го заменат КФОР во српските средини.
Вучевиќ на вториот ден од посетата пристигна во Дабробосанската митрополија во Сараево и се сретна со митрополитот Дабробосански Хризостом.
На новинарско прашање за судскиот процес против претседателот на Република Српска (РС), Милорад Додик, Вучевиќ одговори дека би сакал и се моли на Бога некој да не се обиде со злоупотреби на судската моќ да ја поништи изборната волја на граѓаните.
„Судската власт не смее да им го одземе суверенитетот на граѓаните кои одлучуваат во демократските општества на изборите затоа што тогаш тоа ја прави бесмислена правно уредената држава. Сите мора да бидат еднакви пред законот, секој може да одговара пред судовите и нема привилегирани или заштитени, но се плашам дека постојат политички судски процеси“, истакна Вучевиќ.