Потпретседателот на Сојузот на синдикати на Македонија за приватен сектор, Иван Пешевски, апелира на подобрување на работничките права во приватниот сектор. Тој ги повика работниците да се приклучат на првомајскиот протест. Клучните барања на синдикатот се повисоки плати, безбедни услови за работа и почитување на законските права.
„Приватниот сектор во Македонија е главен двигател за економската состојба на државата. Приватниот сектор е нешто што мора веднаш да се подобри со квалификуван кадар и млади луѓе. Но, за овие две работи потребни се достоинствени односно безбедни услови за работа и повисоки плати. Повисоки плати не се 500 евра плата туку 500 евра минимална плата која ќе се множи со коефициентот на сложеност за да платите во овој сектор надминат 50 и 60 000 денари. Онолку колку што минимум треба да земаат вработените во приватниот сектор, особено вработените во трудо-интензивните дејности“, рече Пешевски на денешната прес конференција.
Нивното барање, како што дополни, се однесува на сите работодавачи од приватниот сектор.
„Особено оние кои пред некој ден се изјаснија дека недостасува кадар во државата. Уште повеќе ќе недостасува доколку не зголемите плата. Со сета почит кон одредени работодавачи исто од приватниот сектор кој почитуваат и Закон и колективен договор па овие проблеми се одамна надминати но тоа е сосема мал процент од вкупниот број вработени“, дополни Пешевски.
slobodnaevropa.mk