ССМ и Владата ја смирија топката за минималната плата

Синдикатите и Владата повторно седнаа на заедничка маса за да разговараат околу можностите за раст на минималната плата во Северна Македонија. По бројните препукнувања и заладени односи во изминатиот период, Сојузот на синдикатите на Македонија доби покана за средба во Владата. Првиот човек на ССМ, Слободан Трендафилов вели дека на средбата која траела повеќе од час и половина присуствувал и премиерот Христијан Мицкоски што им влева надеж дека има волја за изнаоѓање решение за прашањата коишто се однесуваат на животиот стандард на работниците.

„Владата не е против зголемување на минималната плата“
Разговорите доаѓаат во пресрет на 1 Мај, кога ССМ ги повикува сите работници да излезат на улица и да испратат порака дека нивниот глас треба да се чуе.

„Само ССМ ги застапува интересите на работниците – бараме раст на платите во јавниот и приватниот сектор. Владата јасно кажа дека не е против зголемување на минималната плата“, изјави Трендафилов по средбата.

Тој проблемот го лоцираше кај два синдикати коишто побарале укинување на одредби од Општиот колективен договор за растот на платите на вработените во јавниот сектор. Исто така, вели Трендафилов, работодавачите од приватниот сектор, се повлекле од преговорите, откако виделе дека ССМ е мета на напади.

Првиот синдикалец ги повика сите политички партии на разговор во Работничкиот дом за идниот раст на платите.

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), во март до Владата, работодавачите и координаторите на пратеничките групи во Собранието, поднесе предлог за утврдување на минималната плата согласно законот, но и донесување на одлука со која минималната плата ќе се зголеми за дополнителни 6.000 денари. Тоа ќе повлече зголемување и на другите плати. ССМ предложи работодавачите да бидат помогнати или субвенционирани за плаќање на придонесите за овие 6.000 денари во период до 12 месеци. Ваквиот предлог не наиде на поддршка од страна на работодавачите.

На последниот протестен марш на 2 април, членовите на највисоките тела во ССМ пред Владата побараа повлекување на одлуката за зголемување на минималната плата за 1. 800 денари и намалување на платите на избраните и именуваните лица на ниво на минимална плата. Тие повикаа да престанат политичките напади врз синдикатите. Доколку не се зголеми минималната плата, раководството на ССМ најави генерален штрајк, а доколку не се зголемат платите на работниците, во игра беа и протести.

 

 

 

DW