ССМ на Првомајскиот протест повторно ќе бара зголемување на минималната плата на 500 евра

Сојузот на синдикати на Македонија на Првомајскиот протест повторно ќе бара зголемување на минималната плата на 500 евра, како и покачување на останатите плати за 100 евра, како и зголемување на платите во јавниот сектор за 12,6 проценти во согласност со Општиот колективен договор.

-Сведоци сме дека денеска, за креаторите на политиките е најважно да ги зачуваат нивните енормно покачените плати сега веќе за 79 проценти, а од друга страна, дел од работниците во јавниот сектор не добија усогласување на нивните плати со порастот на просечната плата согласно Општиот колективен договор за јавниот сектор, не го прифатија барањето на ССМ за зголемување на минималната плата за дополнителни 6.000 денари со зголемување и на останатите плати за истата вредност. Денеска, работниците во Македонија се соочуваат со се поголем притисок за нивната егзистенција поради високите трошоци за живот и ниските плати. Денес, сите Ние, сите Вие, имаме и имате можност и шанса да покажеме дека тие кои ја водат Државата треба да го слушнат гласот на работниците, имаме можност да го покажеме работничкото незадоволство и заедно да излеземе на голем работнички протест на 1 Мај, на кој ќе ги упатиме пораките, нашите и работничките барања, стои во денешната објава од ССМ испратена до медиумите.

 

 

4news.mk