Со законски измени ќе се враќаат старите казни за злоупотреби од функционерите, но штетата нанесена досега не може да се санира. Академик Камбовски смета дека измени на Кривичниот закон се добар чекор бидејќи во спротивно уште најмалку година и пол би продолжиле да важат малите казни. Ако се донесе нов Кривичен законик до крајот на 2025, пак, Северна Македонија ќе добие 6,4 милиони евра од Брисел.
Најавените брзи измени на Кривичниот законик со кои ќе се заострат актуелните казни за злоупотреба на службената положба се добар чекор, оценуваат за РСЕ експерти од правосудството. Тие, според најавите, во пракса веројатно ќе значи враќање на построгите казни кои важеа пред септември 2023. Тогаш, намалувањето на казните донесе побрзо застарување на делата, со што пропаднаа повеќе случаи со кривичен прогон против високи функционери од минатите власти.
Измените се „крчкаат“ во период кога Северна Македонија очекува мислење од Европската комисија (ЕК) за предлогот за сосема нов Кривичен законик усогласен со европското законодавство. Амбициите на власта се дека новиот закон ќе се донесе до крајот на 2025 година, па се поставува прашањето дали има потреба од брзи измени на актуелниот Кривичен закон?
Според академик Владо Камбовски тие се потребни бидејќи во спротивно уште најмалку година и половина „не би имале поефикасно гонење на кривичните дела како злоупотреба на службената положба, што ќе се извршат во меѓувреме“ односно од актуелните и идните функционери.
„Покрај тоа што би се донел на крајот на годината, новиот Кривичен законик ќе има одложено дејство од најмалку шест месеци. Не може веднаш да почне да се применува бидејќи потребно е да се извршат подготовки за примена на новиот закон, да се одржат советувања, судии да се запознаат, да се едуцираат итн. Додека да стапи на сила сигурно ќе треба најмалку година и пол од сега. А, до тогаш да се чека со овие дела за злоупотреба и со овие казни, мислам дека не е рационално“, вели Камбовски за Радио Слободна Европа.
slobodnaevropa.mk