Стејт департмент: Северна Македонија покажа напредок во борбата против тероризмот

Северна Македонија во 2023 година покажала напредок во борбата против тероризмот преку усогласување на стратешките документи со европското законодавство и меѓународните стандарди, зајакнување на капацитетите за истрага и гонење кривични дела поврзани со тероризам, како и размена на информации за спречување на радикализација на насилството. Ова се наведува во последниот извештај на Стејт департментот за тероризмот во светот.

Таа покажала и напредок во реинтеграцијата на повратници од воените зони, се додава во извештајот.

„Владата во мај усвои национални стратегии за контратероризам и спротивставување на насилниот екстремизам со соодветни акциски планови кои се фокусираат на превенција на онлајн радикализација кон насилство, „десничарски екстремизам“, реинтеграција, потреба од специјализирани обуки за полицајци и социјални работници, и ажурирани стратешки приоритети, вклучително и воспоставување база на податоци за повратници. Северна Македонија соработуваше со напорите на САД за контратероризам, вклучително и рана детекција“, се вели во извештајот.

Покрај ова, се наведува и дека главните терористички закани во земјава се поврзани со „претходно репатрирани странски терористички борци од Сирија и Ирак, како и со домашен екстремистички тероризам“.

„Националниот комитет за спротивставување на насилниот екстремизам и тероризмот процени дека 143 граѓани на Северна Македонија (исклучувајќи деца) патувале или се обиделе да патуваат во Сирија или Ирак за да се приклучат на терористички групи во изминатите години. Од овие 143 возрасни (133 мажи, 10 жени), се верува дека само четворица останале во камп за раселени лица во североисточна Сирија. До крајот на 2023 година, Северна Македонија репатрираше 19 раселени и 11 задржани државјани од североисточна Сирија. Македонските власти го проценија нивото на терористичка закана како „средно,“ имајќи ги предвид војната во Украина, развојот на настаните на Блискиот Исток и присуството на поранешни членови и симпатизери на „Исламска држава“, се наведува во извештајот.

 

 

slobodnaevropa.mk