Стејт департмент: Статусот на МПЦ-ОА сè уште не е разрешен

Годишниот извештај на Стејт департментот за состојбата со почитувањето на верските слободи во светот, во делот за Македонија ја нотира законската измена усвоена од Парламентот за забрана на регистрација и работа на ентитети кои носат имиња и симболи на нацизмот, национал-социјализмот или Третиот рајх, или се придружени со нетолеранција, омраза, фашизам, а во врска со обидот за регистрација на бугарските клубови.

Извештајот исто така истакнува и дека новиот статус на МПЦ-ОА се уште не е разрешен.

Во допис до јавноста по повод објавувањето на извештајот за верските слободи во светот во 2022 годинаа, американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека „слободата на вероисповест е животно важна за стабилноста и безбедноста на општествата“.

-Кога на личноста ѝ се почитуваат индивидуалните убедувања, таа има повеќе сила да го достигне својот целосен потенцијал, со што се подигаат цели заедници и општества, изјави Блинкен.

Во делот за Македонија, извештајот нотира и дека лани во февруари полицијата подигнала обвиненија за говор на омраза против жена за нејзнините коментари на социјалните медиуми во текот на посета на ортодоксна група Евреи и дека Комисијата за спречување и заштита од дискриминација изјавила дека наводот бил „антисемитски инцидент“.

Извештајот го подвлекува и признавањето лани на МПЦ-ОА од страна на Вселенската патријаршија, „окончувајќи долг период на непризнавање од глобалната православна црква и поплочувајќи го патот за автокефалност на МПЦ-ОА“.

Се истакнува и дека Српската православна црква (СПЦ), „од која МПЦ-ОА се оддели во 1962 година“ ја признала автокефалноста на МПЦ-ОА, иако некои црковни аналитичари истакнале дека само Вселенската патријаршија има право да додели автокефалност.

-Новиот статус на МПЦ-ОА не беше целосно разрешен кон крајот на годината.

Иднината на Православната охридска архиепископија (ПОА), која според документите за признавање на СПЦ треба да се спои со МПЦ-ОА, се уште не беше јасна кон крајот на годината, оценува Стејт департментот.

Се наведува и дека меѓу владата и бекташката заедница од Тетово продолжиле разликите околу регистрацијата на верската група.

-Заедницата нема повторно поднесено апликација за регистрација од 2000 година поради загриженост од промена на името, што ќе биде закана за постоењето на групата, се вели во извештајот.

Се додава дека членови на бекташката заедница повторно пријавиле напади од владини и претставници од друга ривалска група која сакала да го презеде нивното седиште лани во август, и дека светскиот бекташки лидер апелирал до владата за заштита на слободата на бекташите од Тетово и да се одговори на провокациите и заканите кон нив изнесени во социјалните медиуми.

Други проблеми нотирани во извештајот се спората и некомплетна денационализација на државниот имот, фаворизирањето на некои верски групи и акредитација на верските школи „иако овие школи, раководени од МПЦ-ОА и ИВЗ, останаа нерегистрирани, со што студентите од тие школи беа спречени да се запишат во секуларни универзитети“.

Извештајот нотира и дека првенците на ИВЗ изјавиле дека односите со владата продолжиле да се подобруваат, но дека владата продолжила да покажува поголема наклонетост кон МПЦ-ОА.

Се укажува и дека меѓуагенциската работна група оформена во 2021 година продолжила со разгледување на амандмани во законот да се овозможи индивидуални цркви и џамии да добијат статус на правни лица, долгогодишно барање на МПЦ-ОА и ИВЗ во Македонија.

Медиумите известиле дека лани се случил инцидент на вандализам против еден манастир лоциран во област со муслиманско мнозинство и 13 инциденти на кражба од цркви, манастири и џамии.

МПЦ-ОА и ИВЗ не сметале дека кражбите и вандализмот имаат верска основа. Се посочува и дека американскиот амбасадор во Македонија, Анџела П.

Агелер, и други американски дипломати дискутирале со владини претставници за меѓуверскиот дијалог и важноста од толеранција и разбирање меѓу разните верски групи.

Дискусии имало и со директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, со градоначалници и други службеници.

Со парлементарците се дискутирало за денационализација на имотот на црквите и џамиите, и за амандмани за средните училишта вклучително и за акредитација на верските училишта.

Од Амбасадата на САД се сретнале и со поглаварот на МПЦ-ОА, архиепископот охридски македонски г-н Стефан и лидерот на ИВЗ, реис Шакир Фетаху а за дискусија на религиските слободи , вклучително и наводната фаворизација кон некои религиски групи.

 

извор: Република