Постојаните војни, сè подраматичното влијание на климатските промени и растечката политичка поларизација се само дел од грижите што ги мачат младите луѓе во Германија, покажува најново истражување.
Со наслов „Прагматизам помеѓу разочарувањето и прифаќањето на различноста“, студијата за млади на Шел од 2024 година анкетираше 2.509 адолесценти на возраст меѓу 12 и 25 години. Темите беа политика, општество и животна средина.
Авторите на студијата, која се спроведува на секои пет години, велат дека таа дава „нијансиран профил“ на генерација која ги препознава „и проблемите и потребата за акција“. Иако студијата откри дека многу млади луѓе се отворени за популистички ставови, нема знаци дека тие се дистанцираат од демократијата и поширокото општество. Повеќето, всушност, се оптимисти за иднината и можностите што им ги нуди државата и општеството.
„Ова е еден од најинтересните, но и најзбунувачките и најмалку очекуваните резултати“, вели Матијас Алберт, политиколог од Универзитетот во Билефелд и еден од авторите на студијата.
Зголемен интерес за политика
Довербата во државните институции, политичкиот систем и демократијата останува висока и покрај критиките за недостигот на политички решенија, како и стравувањата од војна и економската ситуација. Најверојатно објаснување за тоа, според Алберт, е дека денешната помлада генерација ја доживеа огромната криза со ковид-пандемијата, но и како демократското општество успеа да се справи со неа.
„Повеќето од нив, во годините на формирање, доживеаја да видат како општеството се соочува со голема криза, на еден или друг начин, и мислам дека од тоа црпат голем оптимизам“, вели германскиот политиколог.
Студијата покажува дека кај младите од 15 до 25 години интересот за политика значително пораснал. Тоа е дел од долгорочниот тренд во последните две децении: нешто повеќе од половина од нив рекоа дека се заинтересирани за политика – во споредба со најниското ниво на сите времиња од нешто над 34 проценти во 2002 година.
За првпат е забележлива помала разлика во интересот меѓу половите, бидејќи и девојките и младите жени се подеднакво заинтересирани за политика како и младите мажи. Подготвеноста на сите млади луѓе активно да се вклучат во политиката се зголеми од 22 отсто во 2002 година на 37 отсто во 2024 година, а авторите велат дека тоа не е само краткорочен ефект на т.н. „Грета генерација“.
DW