Стотици студенти ги блокираат влезовите во централата на Радио Телевизија Србија во Белград и не дозволуваат никој да влезе во неа. Блокадата започна во понеделникот околу 23 часот, а се најавува дека ќе трае 22 часа. Студентите велат дека ќе им овозможат излез на сите вработени, но нема да дозволат никој да влезе во зградата „додека не се ослободи РТС“.
Повод за блокадата најверојатно е однесувањето на водителката на РТС и на претседателот Александар Вучиќ кои во жива програма ги нарекоа студентите „орда“ и користеа други погрдни изрази за оние кои протестираат низ Србија.
Универзитетските студенти во Србија започнаа речиси секојдневни протести и блокади откако се урна натстрешницата на железничката станица во Нови Сад во ноември минатата година, и загинаа 15 луѓе.
За време на блокадата на РТС во понеделникот, специјалната полиција накратко интервенираше против толпата луѓе, но потоа се повлече и влезе во објектот. Еден полицаец во цивил бил повреден во судирите.
(Не)пристрасен медиум
Студентите го обвинуваат јавниот сервис за пристрасно известување и заземање на страната на претседателот Александар Вучиќ за време на протестите. Вучиќ беше гостин во главниот дневник на РТС во понеделникот вечерта. Во интервјуто, Вучиќ ги навредуваше студентските протести и предупреди дека безбедносните сили ќе употребат сила против учесниците на големите протести најавени за сабота.
„Ќе мораат да ме убијат ако сакаат да ме сменат“, тврдеше Вучиќ.
Студентите бараат целосна истрага за трагедијата во Нови Сад, и сметаат дека причината е владината корупцијата. Вучиќ смета дека протестите се заговор на Западот против неговото владеење.
Следниот голем митинг е планиран во Белград в сабота на 15 март, а Вучиќ прогнозира дека демонстрантите „ќе се обидат да постигнат нешто со сила, и тоа ќе им биде крајот“. „Многу демонстранти ќе завршат зад решетки обвинети за кривични дела“, додаде тој.
Речиси сите студентски протести изминатите месеци беа мирни, а инцидентите се случуваа кога нивните противници се забиваа со возила во луѓето, или кога физички ги напаѓаа.
DW