Студентите и граѓаните и денес го блокираа сообраќајот во градовите низ Србија

Српските граѓани во неколку градови денеска застанаа 15 минути за да им оддадат почит на загинатите во несреќата на Железничката станица во Нови Сад, јавува Анадолу.

Акцијата „Застани Србијо, застани со студентите“ се одржа и на повеќе места во Белград каде што беше блокиран сообраќајот, меѓу кои и кај Правниот факултет, Факултетот за организациски науки, Адвокатската комора на Србија и Белград и на Коларчевата улица.

Пред Правниот факултет на раскрсницата од улицата „Ресавска“ и Булевар „Краљ Александар“ се случи инцидент кога автомобил, и покрај блокадата, се обиде да помине и удри во друго возило.

По 15-минутниот молк, редарите ги повикаа граѓаните да се повлечат од сообраќајните ленти на тротоарот, за да може повторно да се одвива сообраќајот.

Блокирана е и Дечанската улица во Белград, а граѓаните се собраа пред зградата на Ректоратот на Универзитетот во Белград. На собирот имаше и полициски припадници во цивилна облека.

Во акциите „Застани Србијо“ кои речиси секојдневно се одржуваат низ земјата, студенти и граѓани 15 минути ги блокираат патиштата за да им оддадат почит на 15-те загинати во несреќата на Железничката станица во Нови Сад.

 

Извор: АНАДОЛИЈА