„Студентски отпор“ и УСС утре заедно на марш

Универзитетските студентски собранија при УКИМ, Штуловиот универзитет, ФОН, Американ колеџ, ФОП, универзитетите од Битола и Штип и движењето „Студентски отпор“ утре на марш обединето ќе ги бараат своите права.
УСС на УКИМ објави дека борбата на студентите е заедничка и само сплотени и заедно ќе успеат да ги заштитат нивните права и ќе ги исполнат нивните барања: издвојување средства од буџетот за подобри услови во студентските домови, изземање на студентите од антикризните мерки, целосно спроведување на Законот за студентски оброк и зголемување на сумата, изедначување на стипендиите, подигнување на квалитетот на образованието и дигитализација.

Ве очекуваме во четврток, по повод Меѓународниот ден на студентите, со почеток во 17:30 часот, да излеземе сите заедно, сплотени на голем студентски марш, каде тргнувајќи од Влада па до МОН ќе го завршиме нашиот марш и јасно и гласно ќе ги искажеме нашите барања. Ги повикуваме сите кои се вклучени активно во образованието, меѓу кои средношколци, професори, декани и ректори да ни дадат поддршка и да се приклучат на маршот. Ајде сите заедно да се избориме за нашите студентски права и подобар студентски стандард, се наведува во објавата на УСС на УКИМ.

 

фото: Архива