Пресуда со потенцијално огромни последици: Според Врховниот суд на Колорадо, поранешниот американски претседател Доналд Трамп мора да биде исклучен од изборите за Белата куќа во оваа американска сојузна држава. Републиканецот со своето однесување во врска со упадот во американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година се дисквалификувал за претседателската функција, стои во одлуката на судот објавена вчеравечер (19.12). Тоа значи дека неговото име не смее да стои на гласачките ливчиња за прелиминарните избори во неговата партија.
Изборниот тим на Трамп за одлуката на судот рече дека е „неправилна“ и „недемократска“ и најави жалба до Врховниот суд. Врховниот суд на САД има конзервативно мнозинство од шест спрема три, меѓи кои тројца членови назначени од Трамп.
Тужителите сакаат да го тргнат името на Трамп од гласачките ливчиња
Разни тужители во различни американски држави се обидуваат да го отстранат името на Трамп од гласачките ливчиња за претседателските избори во 2024 година. 77-годишникот сака како републикански кандидат повторно да се всели во Белата куќа. Неговите противници аргументираат со уставниот амандман со кој од избори се исклучуваат луѓе кои поттикнале „бунт“ против Уставот. Поддржувачите на Трамп на 6 јануари 2021 година упаднаа во седиштето на парламентот во Вашингтон. Таму Конгресот беше собран за формално да ја потврди победата на демократот Џо Бајден на претседателските избори. Трамп претходно во говор ги поттикна своите поддржувачи да тргнат кон Капитол. Во безредијата загинаа пет лица.
Одлуката засега суспендирана
Судот во Колорадо сега одлучи дека името на Трамп не смее да стои на гласачките ливчиња за прелиминарните избори во државата и дека не смее да ја извршува функцијата претседател. Сепак, судот го запре спроведувањето на својата одлука до непосредно пред печатење на гласачките ливчиња на почетокот на јануари или до можното појаснување од страна на Врховниот суд. Тужителите против Трамп не успеаја во сојузните држави Мичиген и Минесота, а во Колорадо републиканецот исто така однесе победа пред пониска судска инстанца. Сепак, судијката уште тогаш напиша: „Судот заклучи дека Трамп дејствувал со конкретна намера да поттикне политичко насилство и да го насочи против Капитол со цел да го наруши потврдувањето на изборните резултати.“ Но, судијката дошла заклучок дека клаузулата во Уставот не се однесува експлицитно на функцијата Претседател, па оттука Трамп може да остане на гласачкото ливче за републиканските прелиминарни избори во Колорадо. Врховниот суд таму сега на работите гледа поинаку.
Можно е пресудата да биде сигнал
Трамп е првиот можен претседателски кандидат во историјата на САД кој е прогласен за неподобен поради ретко користената одредба од Уставот на САД. Случајот во Колорадо го покрена група гласачи од Колорадо со поддршка на групата Граѓани за одговорност и етика во Вашингтон (ЦРЕВ). Претседателот на ЦРЕВ, Ноа Букбиндер, рече дека одлуката на судот е „не само историска и оправдана, туку и неопходна за заштита на иднината на демократијата во нашата земја.“
Пресудата се однесува само на републиканските прелиминарни избори напролет, но може да има влијание и на ситуацијата на Трамп на изборите во САД на 5-ти ноември. Според дел од истражувачите на изборите, ваквата пресуда може да ја следат и судови во други сојузни држави. Десничарскиот популист е најголем фаворит во трката за републикански кандидат на изборите и води во анкетите со голема разлика.
DW