Судски совет: Судијката не била пристрасна со пресудата за Васил Јованов

Судскиот совет усвои Извештај од спроведената работна посета на Основниот кривичен суд Скопје и Апелацискиот суд Скопје, при што утврди дека не бил прекршен законот при санкционирањето на Васил Јованов во случајот во кој му се судело за дрога.

Јованов беше обвинет и за прегазувањето на 22-годишната Фросина Кулакова на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје, на 29 јануари, додека минувала на пешачки, од автомобилот на 20-годишниот возач, кој според официјалните информации, немал возачка дозвола, имал алкохол во себе и поминал на црвено светло.

Како што беше соопштено на седницата, членовите на работната група на 7 февруари ги посетиле Кривичниот и Апелацискиот суд во Скопје при што извршиле увид во предметите и разговор со судијата Даниела Алексовска Стојановска и судијата известител Тања Милева од Апелацискиот суд Скопје.

Комисијата констатирала дека судијата Алексовска-Стојановска ја донела одлуката за изрекување заводска мерка согласно член 70 од Законот за правда на децата во кој е регулирано дека за време на пресудувањето на полнолетно лице кое не наполнило 21 година може да му биде изречена заводска мерка ако со оглед на неговата личност и околностите под кои е сторено делото може да очекува дека со воспитната мерка ќе се постигне целта што би се остварила со изрекување на казната.

„Судијата на прашањата кои беа актуелни во јавноста даде одговор дека нејзиниот сопруг работел во иста фирма „Искрател“ со мајката на обвинетиот од 2003 до 2008, во океански систем со 70 вработени, се познавале, но не биле пријатели, ниту куќни пријатели, ниту пак таа лично ја познавала мајката на обвинетиот. Во однос на издадениот деловен објект на партијата СДСМ во Ранковце појасни дека бил издаден од страна на нејзиниот татко многу одамна, а кој би починат од 2018 година, досега немале ништо променето во однос на тој договор за закуп, а моментално куќата се водела по една третина на судијата, нејзината мајка и сестра“, рече претседателката на Комисијата, Данка Ристова.

Информациите дека Васил Јованов им бил познат на органите на прогонот од претходно, предизвикаа револт кај граѓани кои излегоа на протести барајќи правда за Фросина, под паролата „Секој еден може да е следен“.

 

 

slobodnaevropa.mk