Отворање бизниси дома наместо заминување во странство е нов тренд што охрабрува, велат младински активисти
Сè повеќе млади во Северна Македонија, наместо планови за заминување во странство, прават планови за отворање на сопствен бизнис, и останување во државата.
Охрабрувачки е податокот, вели Весна Цветаноска, која повеќе од две децении работи како младински активист, што кај младите имал помал интерес за вработување во државни институции.
„Има некој податок дека еден од седуммина средношколци и пет од десет студенти, веќе го гледаат своето понатамошно функционирање на тој начин“, вели Цветановска.
Тоа е делумно резултат и на олеснителните околности, вели таа, кои државата ги нуди за започнување на старт-ап бизниси.
„Сметам дека тука придонесуваат позитивните закони кои се носат, позитивните политики, оние добро познати обуки кај познати работодавачи во Агенцијата за вработување, субвенционирањата на вработувања, олеснителните околности да креирате старт-ап бизниси, кои се хит во моментот“, додава Цветановска.
Но, тоа не значи дека нема предизвици за младите на тој пат, велат од младинскиот центар во Охрид.
„Најнепознато нешто за нив се бирократските работи, како да отвориш фирма, каде да пријавиш. Има примери кога заглавуваат, не со месеци, туку подолго и од една година и верувам дека не кај секого истрајноста е на такво ниво да речe дека вреди и две и три години да го терам тој процес за да можам да дојдам до првичното, за потоа да работам на бизнисот“, посочува Јован Цветкоски, раководител на младински центар Охрид.
Цветкоски вели дека треба да се следи примерот на Естонија, која успеа да врати добар дел од своите млади умови.
„Естонија ќе ја кажам како еден пример, каде имаше најголем одлив на мозоци, а последните години презедоа мерки, и со ваучери и со некои полесни можности младите да можат да основаат свој бизнис, сега го имаат обратниот процес, младите се враќаат таму и започнуваат свои бизниси“, додава Цветкоски.
Веќе има примери за успешни старт-ап бизниси со кои раководат млади луѓе и во земјата.
„Фирмата наша е за дигитален маркетинг. Тоа е маркетинг на Гугл. Голем број на компании во странство на кои им требаат кол центри, агенти на телефон им овозможуваме агенти од наша страна“, вели Томе Укоски, сопственик на компанија за дигитален маркетинг.
„Се вратив да живеам во Охрид и целиот мој фамилијарен бекграунд кој го имам, повлеков нога, си ја најдов храброста и решив да тргнам“, истакнува Марта Пејоска, сопственичка на галерија за современ накит и филигран.
Марта сега држи и мотивациски говори со кои ги охрабрува младите да почнат нешто свое.
„Гледам не само кај младите, туку и кај средната генерација на луѓе кои не сакаат да работат во државна институција и си го наоѓаат она што ним им е интересно и сакаат да го претворат во нивни сопствен бизнис“, додава Пејоска.
Сепак и покрај добрите примери, потребно е уште многу работа.
„Државата треба да ги активира своите механизми, уште повеќе да вложува во старт-ап бизниси, да ги олесни законските процедури, да ја зголеми возрасната граница. Може уште попродуктивни програми да се разиваат“, вели Весна Цветаноска, младинска работничка.
Фокус на оваа Влада, велат од таму, е обезбедување на пристојни услови за живот и успешен образовен процес за студентите и младите. За таа цел, во Буџетот за 2025 година обезбедени биле средства за ваучери од 250 евра за набавка на електронски уреди – телефон, компјутер или таблет за сите студенти, како и средства од 10 милиони евра кои ќе бидат наменети за млади до 29 години за отпочнување бизниси, односно финансиска поддршка до 30.000 евра за бизнис за млади.
Додаваат дека преку различна поддршка, мерки и проекти, работат на задржување на младите и студентите за иднината да ја градат тука, во сопствената држава.
VOA