Фридрих Мерц се подготвува за канцеларскиот мандат. Во говорот за надворешната политика во фондацијата „Кербер“, тој презентираше елаборирана програма за надворешна и безбедносна политика за владата под негово раководство.
Претседателот на најголемата опозициска партија, конзервативната Христијанско-демократска унија (ЦДУ), очекува, а тоа го потврдуваат и испитувањата на јавното мислење, дека по парламентарните избори на 23 февруари, тој ќе го наследи социјалдемократскиот канцелар Олаф Шолц.
Лидерот на опозицијата со мрачни тонови ја опиша ситуацијата во светот. Според него, сведоци сме не само на „пресвртница“ (термин што го користеше канцеларот Шолц), туку и на „распад на една епоха“.
„Тоа не го покажува само рускиот напад врз Украина. Сведоци сме на ерозија на либералниот принцип, заснован на правилата на втемелениот поредок “, рече Мерц.
Русија, Кина, Иран и Северна Кореја соработуваат во „ревизионистичка, антилиберална оска“. Украина не е единствената цел на Русија и наскоро севернокорејските интерконтинентални ракети би можеле да стигнат до Северна Америка, рече Мерц.
Министрите мора да зборуваат функционален англиски јазик
„Ретко кога една изборна кампања за Бундестагот беше толку обележана со надворешна и безбедносна политика како оваа“, продолжи Мерц, посочувајќи дека актуелната влада потфрлила во надворешната политика.
Германските партнери во странство, според него, првенствено можеле да видат конфликти и нејаснотии кај претставниците на германската влада. Министрите често не учествувале на состаноците на Советот на ЕУ или се воздржувале од гласање.
Тоа ќе се промени со неговата влада, вели тој. „Покрај тоа, нема да назначам никого за ЕУ за министер или државен секретар кој не зборува барем функционален англиски“, најави Мерц.
Ако победи на изборите, Мерц планира да формира сојуз за национална безбедност под кабинетот на канцеларот, кој би формулирал стратегија за национална безбедност. Исто така, универзитетите треба да добијат соодветни катедри. Според првиот човек на ЦДУ, темата надворешна и безбедносна политика генерално е премалку застапена воГерманија.
Развојна политика да им служи на германските интереси
Во иднина, Мерц предложи, не само надворешната и безбедносната политика, туку и развојната политика, треба да биде насочена кон германските интереси, на пример промоција на пазарот. Во однос на азилот, треба да се примени следново:
„Земја која во случај на протерување од Германија не ги прима назад своите државјани, во иднина повеќе нема да може да добива развојна помош“.
Истото важи и за земјите кои „имаат сомнителен однос кон тероризмот“.
Мерц подоцна се осврна на смртоносниот напад со нож во Ашафенбург, Баварија, извршен од Авганистанец, кој всушност требало да ја напушти Германија. Доколку победи кандидатот на ЦДУ, ќе има значително повеќе депортации и „де факто забрани за влез“ на сите граници за лица без валидни патни исправи, а тоа важи и за оние кои дошле во Германија да бараат заштита.
Воведувањето на тоа правило би било услов за евентуалните коалициски партнери да влезат во владата на Фридрих Мерц. Неговата партија планира да достави предлози до Бундестагот за заострување на миграциската политика и да ја стави на гласање. Критичарите веднаш истакнаа дека идеите на Мерц се во спротивност со политиката на ЕУ за азил и не се законски применливи според европските закони.
DW