Таравари вели дека има пари за 1117 нови вработувања и 600 приватни специјализанти

Обезбедивме буџет за 1117 нови вработувања и 600 приватни специјализанти, а со почетокот на новата година ќе се објават конкурсите, се пофали денеска (30 декември) министерот за здравство Арбен Таравари, на брифинг со новинарите.

„Ова е дел од нашата стратегија за подобрување на кадровските капацитети во здравството. Се посветивме на детални анализи и подготовка на измени кои ќе донесат долгорочен напредок во здравството. Клучен аспект на оваа работа беше изработката на програма за интегрирање и функционална реорганизација на здравствените единици во јавното здравство. Преку оваа програма се стремиме кон рамномерна регионална распределба на медицинските установи низ целата земја“, рече министерот.

Таравари вели дека еден од најголемите проекти што е започнат, е спојувањето на јавните установи од Комплексот клиники „Мајка Тереза” во нов правен субјект Јавна здравствена установа Универзитетски клинички центар „Мајка Тереза” Скопје. Притоа додаде дека оваа иницијатива ќе обезбеди поефикасно управување и унапредување на здравствените услуги за сите граѓани.

slobodnaevropa.mk