Таравари го разреши директорот на Кумановската болница

Министерот за здравство, Арбен Таравари, денеска изјави дека е разрешен директорот на Кумановската општа болница, Стефан Трајановски.

Таравари кажа дека ја разгледал документацијата на државната санитарна инспекција и во министерството констатирале дека има предуслови да се разреши директорот на Кумановската болница.

Таравари денеска го посетил семејството на младиот кумановец кој почина на 17 март во болницата во Куманово по примена терапија. Утре, на 20 март, како што најави, ќе биде назначен нов директор на болницата. Министерството разгледува две до три имиња од редовите на јавната здравствена установа од Куманово.

„Бев во семејството да изразам сочувство на починатиот 32-годишен Ведат Адеми пред да дојдам тука. Го прочитав извештајот што беше подготвен од државниот републички санитарен инспекторат и во него може да се констатира многу лесно дека веќе има предуслови да речам за да се разреши директорот на Општата болница во Куманово. И веќе директорот е разрешен од таа позиција. Се надевам дека утре по консултации со колегите во министерството ќе назначиме нов директор на Општа болница во Куманово“, изјави Таравари.

 

 

slobodnaevropa.mk