Иако денеска завршуваат официјалните денови на жалост, болката останува, тивка, длабока и лична. Но, со неа останува и грижата.
Оваа трагедија нè стави на сериозен испит, како луѓе, како институции, како здравствен систем. Но уште повеќе, нè обедини во една заедничка мисија: да направиме сè што е можно за секој живот што и понатаму се бори.
Во моментов, состојбата на пациентите кои се згрижени во македонските болници е стабилна. Тоа е резултат на навремена реакција, вклучување на целиот здравствен систем и огромната пожртвуваност на медицинските тимови, професионалци кои секој ден работат посветено и човечно.
Остануваме во постојана координација со странските клиники каде што се лекуваат дел од најтешко повредените. Со нетрпение го очекуваме денот кога ќе можеме, со гордост и големо олеснување, да објавиме дека се враќаат дома, еден по еден. Се надеваме дека нивниот број ќе расте од ден на ден.
Искрено им благодарам на сите граѓани, како на оние што се во државата така и на оние што живеат во странство, на институциите, организациите и здравствените работници кои дадоа свој придонес, со експертиза, со логистика, со грижа и со емпатија. Секоја подадена рака е вредна.
Ќе продолжиме да бидеме таму каде што е најпотребно, покрај пациентите, со целото знаење, внимание и одговорност кои тие ги заслужуваат.