Таравари: Потешките операции ќе се прават во „8 Септември“ и во „Св. Наум Охридски“

Хируршките сали во Клиничкиот центар ќе функционираат со надворешни компресори и со намален интензитет до декември. Ова решение како привремено беше најдено откога во мај годинава се појави смрдеа во дистрибутивната мрежа за кислород и компримиран воздух. Министерот за здравство Арбен Таравари очекува дека дотогаш целосно ќе заврши процедурата за нова компресорска станица по нов оглас, кој ќе го распише Министерството за здравство по неуспешниот тендер на ЈЗУ УК, завод и ургентен центар – Скопје.

На последната седница на Владата помина информацијата обврската за набавка на компресорската станица во Клиничкиот центар да ја преземе Министерството за здравство. Се надевам што побргу да почне процедурата. Ќе одиме преку јавна набавка, да биде транспарентно. Очекувам тоа да заврши за три-четири месеци. Со надворешни компресори во Клиничкиот центар ќе се работи до ноември или декември додека се постави нова компресорска станица. До тогаш ќе направиме уште едно усогласување со ’8 Септември’ и со ’Св. Наум Охридски’ одредени потешки случаи, за кои нема услови, да се сработат во овие две болници, кои и досега работат добро, но можеби ќе побараме малку поголем ангажман од нив, рече министерот Таравари.

Ако и на овој тендер нема заинтересирани, министерот Таравари најави дека компанијата што ќе ја набави, ќе ја монтира и ќе ја пушти во употреба новата компресорска станица ќе ја избере преку директен договор.

Хируршките сали на Клиничкиот центар беа затворени на 22 мај година. Министерот за здравство во тогашната техничка влада, Илир Демири, извести дека примероци од гасот веднаш биле испратени на анализа во Германија, која треба да покаже зошто има лоша миризба, но цели два месеца подоцна анализата ја нема. Сегашниот министер Таравари вели дека сѐ уште не добил резултати од анализата.