Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган разговараше со претседателот на Русија, Владимир Путин, при што ја изрази подготвеноста на Турција да даде придонес за мирно изнаоѓање решение за проблемот во Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Од Дирекцијата за комуникации при Кабинетот на турскиот претседател соопштено е дека двајцата лидери во телефонскиот разговор разговарале за билатерални прашања и за нападот на Русија на Украина.
Во соопштението се наведува дека Ердоган во текот на разговорот ја изразил подготвеноста на Турција да придонесе за што побрзо решавање на украинскиот проблем преку мирни методи.
Турскиот претседател нагласил дека итен општ прекин на огнот не само што ќе ја ублажи хуманитарната опасност во регионот, туку и ќе овозможи да се бара политичко решение.
„Да го отвориме патот кон мирот заедно“, му посочил Ердоган на Путин.
Турскиот претседател исто така укажал и на важноста од преземање итни чекори за обезбедување прекин на огнот, отворање хуманитарни коридори и потпишување мировен договор.
Истакнувајќи дека е во постојан контакт и со украинската страна и со другите држави, Ердоган истакнал дека ќе продолжи со своите напори да води сеопфатни преговори за да се дојде до резултати.
извор: Агенција Анадолија (АА).