Пишува: Љ.Таневски / Веста за смртта на кралицата Елизабета Втора која по кралскиот протокол се објавува на начин така што информацијата напишана на лист хартија се поставува на оградата од Бакингамската палата го обиколи светот уште пред Би Би Си официјално да ја емитува во својата програма.
Ако во вековите до пред 70 години објавата за смртта на монархот се пренесувала од уста на уста по народот, пред 70 години таа се пренесуваше во етер, а сега повторно се пренесе од човек на човек, но преку социјалните мрежи глобално.
Светот кој постојано се менува, од корен е сменат во изминатите 70 години, и ако тогаш веста за смртта на кралот била закачена на оградата, па потоа читана на радиото Би Би Си на сите јазици на кој тогаш ова радио емитувало програма, денес веста за смртта на Езлизабета Втора се емитуваше во живо на интернет од медиумите и илјадниците граѓани.
Речиси сите светски медиуми беа пред Бакингамската палата , со кадарот свртен во јарболот и чекаа да го емитуваат во живо поставувањето на соопштението на оградата, а покрај медиумите уште илјадници граѓани преку своите телефони вршеа пренос во живо на Фејсбук и Инстаграм, со што само уште еднаш се потврди дека новите технологии го сменаа светот од корен и дека за проследување на одредена вест, не се потребни гломазни медиуми, туку доволни се самите граѓани.
ВЕСТА МОЖЕШЕ ДА СЕ ДИСТРИБУИРА ПО СВЕТОТ И БЕЗ ТЕЛЕВИЗИИТЕ
Ако технолошкиот развој пред половина век го направил соопштенијата за смртта на британските монарси поставени на оградата на одреден начин не потребно, бидејќи протоколите налагале по закачувањето на оградата, Би Би Си да го емитува тоа соопштение во својата програма и така да се запознае светот со него, сега технолошкиот развој го направи чекањето да се гледа соопштението на телевизија губење време, бидејќи самите граѓани го објавуваат соопштението во живо преку своите телефони, со што на одреден начин пренесувањето на информацијата дека монархот починал по 70 години се врати од медиумите на самите луѓе, кои сега повторно како „на времето“ сами ја пренесуваат информацијата, само на дигитален начин.
А КАКО ИЗГЛЕДАШЕ ОБЈАВУВАЊЕТО НА ВЕСТА НА ТЕЛЕВИЗИЈА
Би Би Си во 18:30 часот во програма во живо ја објави веста за смртта на кралицата Елизабета. Во етерот беше новинарот Хју Едвардс.
Облечен со црна кравата, Едвардс преку малите екрани беше со нацијата додека Би Би Си ја прекина својата вообичаена програма.
Најпрво на екранот се појави знамето на Обединетото Кралство спуштено на половина копје, а потоа Едвардс ја информира нацијата и светот дека кралицата починала.
Тој го прочита соопштението на Бакингамската палата, а потоа уследи британската химна.