Директорот на Служба за општи и заеднички работи на Владата (СОЗР), Ивица Томовски информира дека досега за 142 лица од семејствата на повредените од пожарот на лекување во странство се обезбедени авионски карти и потрошени се почетно околу 3,5 милиони денари.
-Со одлука на Владата доделени се 30 милиони денари на СОЗР кои ќе бидат наменети за првично сместување и транспорт на оние лица кои се лекуваат надвор од земјава, односно во оние земји кои ни пружиле првична помош и ги зеле овие лица на лекување. Она што ние како СОЗР го правиме е првично контактирање, детектирање на лицата, пронаоѓање на нивните телефонски броеви. Секојдневно контактирање, односно на секои три часа им се јавуваме на луѓето и ги прашуваме, ги помагаме логистички заедно со амбасадите кои се во земјите каде што се лицата. Засега за 142 лица обезбедени се сместување и авионски карти. Потрошени се почетно околу 3,5 милиони денари. Велам почетно, затоа што не знаеме колку време ќе им треба за лекување, но треба да знаат дека целосно и максимално се што ќе излезе како трошок ќе биде покриено од Владата, рече вечерва Томовски во интервју за ТВ21.
Директорот на СОЗР посочи дека со сите телефонски оператори донеле одлука сите телефонски броеви кои ги имаат од лицата кои се надвор од Македонија, да бидат ослободени од роаминг и интернет, за да можат непречено да контактираат со своите најблиски кои се останати во земјава, а и со институциите.
Информира дека одлуката на Владата е да се покриваат трошоците за по две лица за еден повреден, но, како што посочи, ќе бидат покриени трошоците и на тие кои заминале и по тројца-четворица.
-Донесена е одлука дека за еден повреден да се покриваат трошоците за по две лица. Но, ние не ги враќаме лицата кои заминале и по тројца-четворица, комплетно ќе биде покриени за сите, ќе излеземе во пресрет на сите на кои им е неопходно, но одлуката на Владата е да се покриваат трошоците за по две лица за еден повреден. Досега имаме околу 112 пациенти кои се лекуваат надвор од државата и тоа го работиме непосредно со Министерството за здравство и Министерството за надворешни работи. Некои од овие лица веќе си имаат и приватно сместување, но кажано е дека доколку е потребно и продолжување доколку направиле и почетни трошоци, се ќе биде рефундирано. Нема да важи од моментот кога е донесена одлуката, туку ќе важи и ретроактивно, рече тој.
faktor.mk