Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, соопшти дека ќе има кривична одговорност за полицискиот службеник кој дал наредба да не се казни братот на градоначалникот на Гази Баба за сторен сообраќаен прекршок. Наместо него, санкциониран бил друг граѓанин кој немал никаква поврзаност со инцидентот.
– Беше утврдена фактичка состојба многу пострашна од онаа што беше објавена од СДСМ, односно се утврди дека конкретниот полициски службеник постапил спротивно на неговите законски овластувања и дозволил одредено лице да помине без соодветна казна што требало да му биде изречена. Тоа е првиот прекршок. Вториот прекршок којшто е уште пострашен е тоа што недолжен граѓанин, кој не е поврзан со настанот, го навел во рамки на документацијата што се изготвува од страна на Министерството за вантрешни работи со што сторил одредено кривично дело кое ќе биде процесурирано од страна на Министерството за внатрешни работи, изјави попладнево Тошковски за телевизија „Сител“.
Братот на градоначалникот на Гази Баба кој возел со 88 километри на час, наместо дозволените 50 километри на час, според министерот Тошковски, денеска сам се пријавил во полициската станица „Пролет“ и му е изречена прекршочна парична казна од 300 евра, а ќе се процесуира и забрана за управување со моторно возило.
– Овој случај МВР го расветли веднаш по информациите во јавно достапните гласила. Да упатам порака дека секој полициски службеник мора да постапува согласно закон и согласно стандардно-оперативни процедури. Никој нема никого да има шанса да го спаси од дисциплинска или друга одговорност, рече Тошковски.
4news.mk