Тошковски: Жените имаат моќна улога во создавањето на позитивни промени, над 45% од менаџерските функции во МВР се жени

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски се обрати на конференција што во рамки на кампањата – Денови на приватното обезбедување – традиционално ја организира Комората на Република Македонија за приватно обезбедување “Зајакнување на жените за лидерство и менаџмент во приватното обезбедување “.
Министерот Тошковски го нотираше фактот дека оваа година се навршуваат 25 години од донесување на првиот Закон за обезбедување на лица и имот и легализирање на дејноста приватно обезбедување во нашата држава и истакна дека приватното обезбедување се етаблираше во респектабилна стопанска дејност, чиишто делокруг на работа е соодветно нормиран и регулиран, следејќи ги притоа современите трендови и стандарди во секојдневното функционирање.
„Од агол на контрола и соработка на надлежните служби при министерството за внатрешни работи со Комората за приватно обезбедување, нема дилеми дека во овој дел функционирањето е на партнерски основи, речиси беспрекорно бидејќи и практично споделуваме заеднички сегменти на интерес.“, го дефинираше односот на приватната и јавната безбедност како партнерски министерот Тошковски.
Тој потенцираше дека МВР денес е позитивен пример за волја и желба на имплементирана родова еднаквост и недискриминација.
„Жените имаат моќна улога во создавањето на позитивни промени. Аспектот на еднаквост во одлучувањето веќе е воспоставен во МВР бидејќи на ниво на организациските единици имаме над 45% од раководните позиции во министерството да се доверени на жени. Истото се однесува и за Бирото за јавна безбедност. И тука жените се на раководни лидерски позиции како помошници директори, началнички, командирки на полициски станици или полициски одделенија, имаме жени вклучени во специјалните полициски единици кои покажуваат врвни професионални резултати со своето работење и со своето лидерство.“, нагласи министерот Тошковски.
Тошковски на крај изрази уверување дека компаниите од сферата на приватното обезбедување го препознаваат тој тренд и имплементираат принципи на рамноправност меѓу мажите и жените кои ја зајакнуваат улогата на жената како вработена, како менаџер, како лидер во сферата на приватното обезбедување.