Тошковски за денеска најави нови приведувања, дел од нив и од МВР

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, најави дека денеска ќе има нови приведувања на лица поврзани со трагедијата во Кочани, и дека дел од нив ќе бидат и од Министерството за внатрешни работи.

„Во текот на денешниот ден, нема да застанеме со процесни дејствија, односно констатиравме дека системот во Македонија е корумпиран на тоа ниво што можеме да кажеме дека имаме катастрофална состојба во делот на постапување огромен број на институции кои согласно закон требало да ги следат ставање на функција на дискотеката, особено во делот на заштита при евентуален пожар, поради што и во текот на денешниот ден ќе има доста голем број на лица кои ќе бидат приведени и од МВР, и од други институции. Но сега не би сакал да откривам детали“, изјави Тошковски.

Тој рече дека МВР нема обврска да го обезбедува секој угостителски објект во Македонија, а во предметниот случај немало пријава до МВР за потреба на припадници на полицијата.