Пожарот во дискотеката во Кочани настанал од употребата на пиротехнички средства. Од извршен разговор со член на групата ДНК, утврдено е дека пиротехничките средства ги донел бендот. Лицето коешто било задолжено за нивна употреба е починато, информираше на прес-конференција министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Тој најави дека ќе се врши вештачење на пиротехничките срества со цел да се утврди дали бил потребен сертификат за нив, по што ќе биде известено Јавното обвинителство.
Концертот во кочанскиот клуб „Пулс“, според министерот, се одржал на диво. За него немало писмен договор меѓу организаторите и бендот. Полицијата не била известена за настанот. Тошковски вели дека МВР е задолжено за јавен ред и мир и не е законски обврзано да го обезбедува просторот, доколку не постои писмено барање од организаторите.
Но, иако не добиле известување дека се одржува концерт, припадници на полицијата сепак биле во клубот. Тие непосредно пред да избувне пожарот започнале со проверки дали во дискотеката има малолетници и дали се користи дрога. Полицајците коишто биле во близина на вратата успеале да се спасат. Но, меѓу загинатите е еден од припадниците на МВР којшто бил во објектот и се обидувал да спаси дел од децата.
Низа пропусти
Досегашната истрага утврдила низа системски пропусти, корупција, непочитување на законите и злоупотреби коишто довеле до тоа објект којшто не исполнува никакви услови веќе 15 години непречено да функционира како ноќен клуб.
„’Шталата’ функционирала така 15 години со криминал, корупција, поткупување, со никакви услови. При очи слепи ли да се правиме? Утврдена е катастофа – ужас, тоа е утврдено“, изјави Тошковски, кој најави одговорност за сите коишто на директен и индиректен начин се поврзнаи со трагедијата во Кочани којашто одзеде 59 млади животи.
Пожарот избувнал околу 2.30 часот во неделата наутро (16.03). Во објектот имало 500 лица, а биле продадени 250 карти. Според последните информации загинати се 59 лица, а 163 се повредени. Тошковски информираше дека 45 лица од повредените се во критична состојба, се транспортираат во странство. Досега е направена обдукција на 15 тела.
Во меѓувреме беше објавена информација дека починал и возачот од медицинската помош којшто цела ноќ ги презезувал повредените во болница.
Импровизираната дискотека не само што немала соодветна лиценца, туку работела во објект предвиден за лесна индустрија, а не угостителство. Прекршени биле повеќе стандарди за противпожарна заштита – имало само два апарати во целиот клуб, немало излезни врати за евакуација, противзаконски биле користени и пиротехничките средства.
Приведени над 20 лица
Лица осомничени во случајот се приведуваат и повикуваат на информативен разговор на територијата на цела Македонија. Во Полициски станици на подрачје на Скопје и на Тетово се приведени пет лица, се обавуваат службени разговори, меѓу кои и со поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши. Според Тошковски, дадени се налози за претреси на два дома, при што се пронајдени оружје и муниција.
„По преземените мерки, утврдено е дека правното лице нема лиценца за работа. Издавањето на лиценца е под надлежност на Министерство за економија. И правното лице нема издадено важечка лиценца, и сопственикот приложил фалсификат лиценца“, вели Тошковски. Најави дека ќе се врши претрес во дом и патничко возило на сопственик на дискотека и во книговодствено биро кај одговорното лице.
Во СВР Штип се приведени 13 лица. Станува збор за неформален сопственик на дискотека, продавач на влезници, четири лица од обезбедување, сопственик на објект на дискотека и неколкумина инспектори. На 11 лица им е одреден 48-часовен притвор.
Тошковски најавува дека и во текот на денот ќе бидат приведени повеќе лица, коишто имаат директна или индиректна поврзаност со настанот. Одговарајќи на новинарски прашања, тој рече дека и градоначалнкот на Кочани, Љупчо Папазов кој поднесе неотповиклива оставка од функцијата, бил повикан на разговор кај јавен обвинител и ако биде утврдена каква било одговорност, не само против него, туку против кого било, ќе се покрене постапка.
Во однос на тоа дали МВР требало да го обезбедува настанот од надвор, Тошковски вели дека полицијата нема обврска да врши постојано обезбедување пред секој ноќен клуб. Што се однесува на тоа кој требал да даде дозвола на работата на клубот по 1 часот по полноќ, Тошковски вели дека согласно законската регулатува за таков тип на ноќни барови, тие можат да работат до 4 часот изутрина за викенд и празник и не е потребна дозвола за тоа.
DW