Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на прес-конференција изјави дека заедно со Јавното обвинителство е завршена првата фаза од несреќата во кабарето „Пулс“ во Кочани во која животот го загубија 59 лица, а 197 повредени.
– Поднесени се кривични пријави против вкупно 34 физички лица и 3 правни лица за кривично дело тешки дела против општата безбедност по член 292 во врска со предизвикување општа опасност по член 288 од Кривичниот законик. Едно лице е пријавено за примање поткуп по член 357 од Кривичниот законик – рече министерот.
Тошковски потенцираше дека оваа трагедија поттикнала мобилизација на сите институции.
– МВР веднаш ги активираше сите свои капацитети, од обезбедување на местото на трагедијата, евакуација и извлекување на повредените, регулирање на сообраќајот. Исто така и за логистичка поддршка за транспорт и лекување на повредените, како во земјава, така и во странство. Над 250 лица беа брзо и безбедно транспортирани до болниците низ државата, а над 100 лица до граничните премини. За повредените и нивните најблиски веднаш беа изработени итни патни документи за патувањата – додаде тој.
Министерот им се заблагодари на сите институции и здравствените работници, докторите, болничарите, волонтерите од Црвен крст, луѓето од ЦУК, пожарникарите, обвинителите и тимот на обвинителството. Посебно се заблагодари на меѓународните пријатели кои дадоа помош и поддршка за повредените.
– На овој ден кога болката уште силно одекнува, но чувството за одговорност обврзува на дејствување, се обраќам до јавноста со една клучна порака: Македонија мора да победи во битката со системската корупција која одзеде 59 млади животи. Кога се случи сето ова, со болка во душата потенциравме дека нема да има компромиси со правдата, ветивме дека ќе има брза и ефикасна и праведна истрага. Многумина избрзаа со заклучоци, некои со право се сомневаа, а некои сакаа да ја искористат оваа трагедија и за други цели. Некои се обидуваа да судат и да бидат обвинители, истражители, морален суд иако ги немаа фактите. Јас сум благодарен на сите оние кои искрено и со душа и преку јавни текстови, критики, отворање на дилеми и совети се присутни во јавноста – рече тој.
Тошковски рече дека е благодарен на народот во Македонија за трпението кое го покажува, заедништвото и слогата која ја демонстрира во овие судни, траорни и трагични моменти за Македонија.