Тошковски: Системската корупција одзеде 59 животи, Македонија мора да победи, најважно е да се покаже одговорност преку дејствување

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на денешната прес конференција уште еднаш го потенцираше фактот дека нема веќе компромиси со правдата и дека јавноста ќе биде сведок на брза, ефикасна и праведна истрага.
„Многумина избрзаа со заклучоци, некои со право се сомневаа, а некои сакаа да ја искористат оваа трагедија за други цели. Некои се обидуваа да судат и да бидат обвинители, истражители, морален, па и преки суд, иако ги немаа фактите. Благодарен сум на народот на Македонија за трпението кое го покажува, заедништвото и слогата која ја демонстрира во овие судни, траорни и трагични моменти за државата. Нема нормален човек што би заштитил некого за кого постојат индиции за директна или индиректна одговорност. Тоа го ветивме од првиот ден, тоа го покажавме и досега, така и ќе продолжиме“, потенцираше министерот Тошковски.

Министерот Тошковски истакна дека ова не е обична битка, туку битка за тоа дали Македонија ќе ја биде.
„Битка на народот и сите ние кои сакаме правда и држава за почит, против трулиот систем формиран со децении, не како апстрактен поим, туку формиран од поединци со име и презиме, кои го разјадувале и ја донеле државата до ова дереџе до кое сме денес. Овие моменти се историски. Или ќе покажеме што значи одговорност и државност, или ќе дозволиме ова да биде само уште една црна хроника. Јас сум одлучен и така ќе продолжам. Како што веќе имам кажано, функцијата никогаш не ми била цел сама по себе. Моето присуство овде го разбирам како должност и обврска кон мојот народ – да покажам дека одговорноста, чесноста и доблеста не се ретки вредности, туку предуслов за служба на граѓаните“, нагласи министерот Тошковски.

Министерот Тошковски истакна дека продолжува да се бори за искоренување на системската корупција, за враќање на довербата во институциите, за Македонија да стане безбедна, праведна и достоинствена држава.

„Овие моменти се историски. Или ќе покажеме што значи одговорност и државност, или ќе дозволиме ова да биде само уште една црна хроника. Моето присуство овде го разбирам како должност и обврска кон мојот народ – да покажам дека одговорноста, чесноста и доблеста не се ретки вредности, туку предуслов за служба на граѓаните. Јас ја чувствувам мојата морална одговорност – длабоко и искрено. Но верувам дека токму сега, во најтешките моменти, најважно е да се покаже одговорност преку дејствување. Затоа останувам тука, со истата решителност и посветеност, да ја водам оваа битка до крај. И во иднина, кога ќе дојде денот, мојата политичка кариера да заврши како што и започна: со љубов и лојалност кон државата, кон граѓаните и кон овие млади невини животи, со пример, доблест и честитост.“, истакна на крај министерот Тошковски.