Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска соопшти дека досега е извршена обдукција на околу 15 лица кои настрадаа во дискотеката во Кочани.
Увидот уште се врши, рече Тошковски, а 45 лица се во критична состојба и се транспортираат во странство.
Приведени се пет лица на територијата на СВР Скопје и СВР Тетово, меѓу кои и поранешен министер.
Според министерот Тошковски, пиротехничките средства кои беа причина за пожарот, ги донел бендот ДНК.
– Концертот било одржан на диво, без писмен договор со изведувачите – истакна Тошковски
Во дискотеката имало 500 лица на продадени 250 билети.
Вчера бил извршен разговор со градоначалникот на Кочани и ако се утврди дека сторил нешто незаконско, ќе сноси одговорност.
-Македонија нема систем со правила на игра кои би превенирале ваков ужасен настан. Имаме системски слабости кои оневозможуваат контрола. Констатиравме дека системот во Македонија е корумпиран на тоа ниво што можеме да кажеме дека има катастрофална состојба на постапување на институциите – потенцира Тошковски.
Министерот најави дека и денеска ќе бидат приведени голем број лица од различни институции, меѓу кои и МВР.