Доналд Трамп, новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави(САД), рече дека Русија и Иран се во „ослабена состојба“ и го повика лидерот на Кремљ, Владимир Путин, да стави крај на речиси тригодишната војна во Украина.
Трамп ги даде коментарите во објава на социјалната мрежа „Truth Social“ на 8 декември, кога сириските бунтовници го зазедоа Дамаск, ставајќи крај на полувековното владеење на семејството на претседателот Башар ал-Асад поддржан од Русија и од Иран.
Идниот американски претседател рече дека Русија и Иран не можат да му дадат поддршка на сирискиот диктатор Асад бидејќи тие се во „ослабена состојба во моментов, едната поради Украина и лошата економија, а другата поради Израел и неговиот борбен успех“.
Русија загуби околу 600.000 војници од инвазијата на Украина во февруари 2022 година, рече Трамп, додавајќи дека Украина изгубила околу 400.000, бранејќи ја својата територија.
„Треба да има итен прекин на огнот и да започнат преговорите“, рече Трамп. „Добро го познавам Владимир. Ова е негово време да дејствува. Кина може да помогне. Светот чека!“.
Кремљ не одговори веднаш на коментарот на Трамп.
slobodnaevropa.mk