Трамп: САД разговараат со четири фирми за продажба на ТикТок

Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека Соединетите Држави разговараат со четири фирми заинтересирани за купување на ТикТок, при што апликацијата која е во кинеска сопственост се соочува со неизвесна иднина во земјата, пренесува АФП.

Американскиот закон наложува ТикТок да се откаже од својот кинески сопственик ByteDance или да биде забранет во Соединетите Држави.

Запрашан дали наскоро ќе има договор за ТикТок, Трамп им рече на новинарите:

„Може да биде. Имаме работа со четири различни групи. Сите четири се добри“, додаде тој, без да ги именува кои се.

Законот за забрана на ТикТок стапи на сила на 19 јануари поради загриженоста дека кинеската влада може да ја искористи платформата за споделување видеа за да ги шпионира Американците или тајно да влијае на американското јавно мислење.

ТикТок привремено беше забранет во САД и исчезна од продавниците за апликации како што се приближуваше крајниот рок за законот, што пак предизвика вознемиреност кај милиони корисници.

 

 

slobodnaevropa.mk