Како натаму на Блискиот Исток? Седумтемина тукушто позираа за семејната фотографија, што беше претпоследна точка на дневниот ред во планинското одморалиште во Кананаскис, кога одеднаш сè се промени.
Првата итна вест гласеше – претседателот на САД, Доналд Трамп, го напушта предвреме самитот на Г7 и се враќа во Вашингтон: „Морам да се вратам. Го гледате она што го гледам и јас“, им довикна Трамп на новинарите. „Морам да се вратам што е можно поскоро“.
„Би сакал да останам до утре“
Војната на Блискиот Исток, која и онака го засени самитот на Г7, го тера најважниот играч и околу ова прашање да замине по семејната фотографија и вечерата, по само еден ден од самитот.
„Би сакал да останам до утре, но сите разбирате. Сега се случуваат големи работи“, изјави Трамп.
Трамп ги повикува жителите на Техеран да се евакуираат
Непосредно пред тоа, Трамп на својата платформа Truth Social ги повика сите жители на Техеран да го напуштат градот. Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет истовремено објави распоредување на дополнителни „воени капацитети“ во регионот.
Самитот на Г7 е сведок на натамошна ескалација на Блискиот Исток. А изутрината сè започна толку хармонично: планински пејзаж, жуборење на вода и домаќинот Марк Карни кој го чека германскиот канцелар.
„Неговата Екселенција, Фридрих Мерц“
Никој не можеше да претпостави дека работите, благодарение на Трамп, ќе тргнат по друг пат: „Неговата Екселенција, Фридрих Мерц“, го најавува една портпаролка германскиот канцелар. Прекрасни слики, ракувања. Карни знае дека со Мерц самитот може да биде добар.
Со Трамп работите се покомплицирани, како што се покажа вечерта. „Честитки со задоцнување“, вели Карни при поздравувањето со Трамп. Тој наполни 79 години два дена претходно. „Малку доцна“, одговара Трамп кратко. Тој е таков човек.
DW