Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе разговара со лидерите на Русија и Украина на одвоени разговори утре (19 мај 2025), откако во смртоносниот напад на руско беспилотно летало вчера загинаа девет патници во минибус во Украина, еден ден откако првите директни мировни преговори во последните три години не постигнаа напредок.
Во објавата на својата мрежа „Truth Social“ на 17 мај, Трамп рече дека ќе разговара со рускиот претседател Владимир Путин по телефон, а темите на повикот ќе бидат „запирање на крвопролевањето“ што во просек убива повеќе од 5.000 руски и украински војници неделно и трговија.
Тој додаде дека потоа ќе разговара со украинскиот претседател Володимир Зеленски и ќе има групна дискусија со Зеленски и „разни членки на НАТО“.
„Да се надеваме дека ќе биде продуктивен ден, дека ќе има прекин на огнот и дека оваа многу насилна војна, војна што никогаш не требаше да се случи, ќе заврши“, напиша тој.
Еден ден пред украинските и руските делегации да одржат разговори во Истанбул на 16 мај, Трамп рече: „Ништо нема да се случи додека Путин и јас не се сретнеме“, а откако тие разговори завршија без напредок кон мирот, Трамп рече дека бара средба со Путин.
slobodnaevropa.mk