Во врска со дебатата во медиумите, а во која се вклучени експерти, новинари, политичари, а на тема текот на 123 седница на Собранието на Република Македонија на чиј дневен ред е иницијативата за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија, дозволете ми да го истакнам следново: Основно правило, но и правило од праксата, за пристапување кон измена на Уставот е веќе обезбедно 2/3 мнозинство пратеници, oбјаснува поранешниот претседате на Собранието, Трајко Вељаноски.
Потенцира дека предлагачот на иницијативата кон измена на Уставот, во овој случај Владата, воопшто не требаше да си дозволи да покрене ваква постапка без предходно обезбедено 2/3 мнозинство.
Во досегашната пракса на Собранието на Република Македонија никогаш не се случило да се покрене постапка за измена на Уставот без претходно обезбедена политичка согласност од најмалку 2/3 од пратениците. Единствен исклучок е оваа постапка и насилната постапка за измена на Уставот по Преспанскиот договор, пишува Вељаноски.
Додава дека согласно член 196 став 1 од Деловникот за работа на Собранието на Република Македонија претресот за измена на Устав трае 10 работни денови и по завршување на претресот се пристапува кон гласање.
Денес, на 1 септември завршуваат десетте работни денови откако беше отворена постапката и завршена расправата за измена на Уставот на собраниската седница број 123, закажана и одржана на 18 август. Гласањето мора да се случи најдоцна денес. Секое спротивно постапување не е во согласност со Деловникот, вели Вељаноски.
Деловникот за работа на Собранието на Република Македонија не дозволува неизвесност со постапката од толку високо значење, потенцира поранешниот спикер додавајќи дека во согласност со Уставот на Република Македонија односно неговиот член 67 и во согласност со Деловникот за работа на Собранието, односно неговите член 6 и член 60, Претседателот на Собранието единствено го претставува Собранието и се грижи за примената на Деловникот и за остварување на правата на сите пратеници подеднакво.
Политичките одлуки ги носи Собранието, а не Претседателот на Собранието, дециден е Вељаноски.
За излез од оваа ситуација, според Вељаноски, потребно е согласно член 67 став 2 од Деловникот за работа на Собранието минимум 20 пратеници да бараат продолжување на 123 седница а Претседателот на Собранието согласно член 24 став 2 од Законот за Собрание да постапи и свика ad hoc кординација на која би се договорил датумот на продолжување на 123 седница на Собранието, кога ќе треба да се гласаат уставните измени.
Доколку Претседателот на Собранието на Република Македонија и покрај барањето на минимум 20 пратеници не закаже продолжение на седницата ја презема на себе целата одговорност, прави лоша практика. се става над сите пратеници и конечно го изместува целосно политичкиот систем на институционалната поставеност на уставното уредување на Република Македонија, вели поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски.