,,Тргнав од Америка да дојдам во Грција за да го пронајдам своето дете,, – вели мајката на Мартин по кого трагаат на Халкидики

Веќе четврти ден продолжува потрагата на морското подрачје на Халкидики за пронаоѓање на 28-годишниот Мартин кој се води како исчезнат од саботата попладне , од моментот кога заедно со своите пријатели од познатата плажа во Посеиди нурнале во морето и биле понесени од морските струи.

Грчките медиуми пишуваат дека малку по 9 часот, мајката на младиот човек од Северна Македонија, заедно со роднините, пристигнала во базата на волонтерскиот тим за пребарување и спасување OFKATH во Переа, Солун, со цел да се подготват и заедно да заминат за Халкидики.

Според информациите, мајката на момчето пристигнала од Америка на аеродромот во Солун вчера вечерта, со цел да учествува во потрагата по својот син.

Грчкиот медиум protothema.gr беше во базата за готовност и се сретна со мајката и роднините на 28-годишниот Мартин.

„Тргнав од Америка да дојдам во Грција за да го пронајдам своето дете. Имам голема вознемиреност и исчекување. Им благодарам на сите што ни помагаат. И на властите и на волонтерите. Тимот на ОФКАТH е покрај нас од првиот момент и им благодарам за тоа што го прават. Имаме вера“, изјавила мајката на младиот човек за protothema.gr.

 

макфакс.мк