Трговска војна САД-Кина: Кој има посилни адути?

Трговската војна меѓу САД и Кина доби нови размери откако Пекинг воведе контрацарини за американските стоки од 125 отсто, реагирајќи на одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да воведе зголемени царини од 145 отсто за кинеските производи.

Кинескиот лидер Ши Џинпинг во петокот за првпат јавно ја коментираше ескалацијата на трговскиот конфликт. Тој му рече на шпанскиот премиер Педро Санчез во Пекинг дека „нема победници во трговската војна, а постапувањето против светот води само до самоизолација“.

Ши, исто така, нагласи дека не се плаши и изрази самодоверба во способноста на неговата земја да ги надмине предизвиците што ги носи политиката на американскиот претседател Доналд Трамп. „Без разлика како се менува надворешното опкружување, Кина останува самоуверена, фокусирана и концентрирана на управувањето со сопствените работи“, ја пренесе изјавата на Ши кинеската државна телевизија ЦЦТВ.

Кина е цел на Трамп
На 2 април, Трамп објави сеопфатни царини за сите американски трговски партнери, предизвикувајќи сеопфатен напад врз светската трговија и шок бранови низ целата светска економија. Тие царини требаше да стапат на сила на 9 април. Но неколку часа откако тие всушност стапија на сила, Трамп најави 90-дневна пауза од спроведувањето за повеќе од 75 земји кои се подготвени да преговараат со Вашингтон.

Притоа, тој ја исклучи Кина од таа пауза и наместо тоа ги зголеми царините за кинескиот увоз како казна за кинеската царинска реакција против неговите царини. Обвинувајќи ја Кина за „непочитување“, американскиот претседател воведе царини од 125 отсто, кои сега – заедно со претходните – изнесуваат 145 отсто. Пекинг ги критикуваше постапките на Трамп како „малтретирање“ и нагласи дека ќе се бори против мерките „до крај“.

Доколку Вашингтон продолжи да воведува дополнителни царини за кинески стоки, „Кина ќе го игнорира тоа“, соопшти кинеското Министерство за трговија, истакнувајќи дека во тој случај американските производи повеќе нема да имаат економска смисла за увозниците.

Натпревар кој ќе го надживее другиот
Ескалацијата на меѓусебните царини и неподготвеноста на која било страна да иницира разговори може да доведе до прекин на трговските врски меѓу најголемата светска економија САД и втората по големина економија во светот Кина. „САД и Народна Република Кина сега се обидуваат да видат кој може да нанесе поголема болка на другата страна“, вели Чонг Џа Јан од Националниот универзитет во Сингапур во изјава за ДВ.Иако зависноста на Кина од американскиот пазар се намали во последниве години, таа сè уште постои. Во 2024 година, овој азиски економски гигант извезе стока во вредност од речиси 440 милијарди долари во САД. Од друга страна, Кина е, исто така, важен извозен пазар за стоки од САД, особено за земјоделски производи како што се соја и свинско месо, како и за високотехнолошки производи.

Со оглед на длабоко испреплетените трговски односи меѓу двете земји, сегашната трговска војна се претвори во натпревар „кој може да го надживее другиот“, рече Чонг. Иако сè уште има надежи дека двете страни може да се повлечат, Чонг ги гледа тие надежи како „желби“ со оглед на стиловите на лидерство на Трамп и на Ши. „Ниту една страна не сака да го загуби образот. Двете страни сакаат да зборуваат остро и да дејствуваат грубо. Така, ова создава ситуација во која има помалку преговори, помалку волја за компромиси, но повеќе простор за потенцијална ескалација“, рече тој.

Дали на крајот ќе има целосен јаз меѓу двете економски сили зависи од тоа колку долго ќе траат овие меѓусебни царини и дали двете страни ќе ја задржат ескалацијата, објасни Чонг. Тој посочи дека некои стоки се пренасочуваат преку трети земји пред да стигнат во САД или во Кина.

Ванг Гуо-Чен, економист специјализиран за Кина во Институтот за економски истражувања Чунг-Хуа во Тајпеј, тврди дека меѓу САД и Кина „веќе има економска дивергенција со тоа што го спречува извозот на кинески стоки на американскиот пазар откако Трамп ги зголеми царините“.

Што може да направи Кина?
Откако започна последната рунда од трговската војна, Кина презеде други контрамерки. Така, на 11 април, кинеската Национална филмска администрација објави дека планира „умерено да го намали“ објавувањето на холивудските филмови на кинескиот пазар.

Во меѓувреме, кинеското Министерство за трговија им вети на странските трговски компании кои се соочуваат со извозни предизвици да го олеснат бизнисот со отворање капацитети за огромниот домашен пазар преку одредени трговски програми и владини иницијативи.

Но, таа домашна иницијатива може да донесе и несакани последици, особено за странските компании во Кина кои би можеле да се соочат со поголема конкуренција од кинеските компании, вели Дали Јанг, политиколог и синолог од Универзитетот во Чикаго.

Во последниве години, Пекинг, исто така, се обиде да ги диверзифицира своите трговски канали и успешно да пренесе дел од своето производство во Виетнам, други земји од Југоисточна Азија и во Мексико. Но, таа стратегија сега се соочува со нови пречки. „Трамп делумно се обидува всушност да ги запре или забави тие напори“, рече Јанг во интервјуто за ДВ, додавајќи дека тие алтернативни пазари имаат и ограничен капацитет да ги апсорбираат сите кинески стоки што биле наменети за американскиот пазар. „Факт е дека Кина работи во такви размери што, доколку ѝ се дозволи тоа, практично би можела да произведува за целиот свет“, рече Јанг и го истакна проблемот со прекумерниот капацитет што ги оптоварува трговските врски на Кина.

 

 

DW