Тренчевска: Има придвижување во преговорите меѓу СОНК и МОН и можност за скоро решение

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевкса вели дека има придвижување и позитивни сигнали дека е можно наскоро да биде постигнато решение меѓу СОНК и Министерството за образование и наука со кое штрајкот, што сега е во мирување, би бил прекинат, а платите во образованието би биле зголемени.

– Министерството за труд и социјална политика не е дел од страните кои имаат спор. Тоа се МОН од една и СОНК од друга страна. Информирана сум од министерот за образование дека денеска од 10 часот требало да има состанок и тој сигурно се одржал. Преговорите продолжуваат, има придвижување и позитивни сигнали дека е возможно за многу скоро да се дојде до заедничко решение кое ќе значи прекин на штрајкот и покачување на платите во образованието, рече Тренчевска во одговор на новинарско прашање при посетата на Струмица.

Инаку Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) штрајкот го стави во мирување на 28 април откако доби известување од Министерството за труд и социјална политика дека Министерството за образование и наука пристапува кон мирно решавање на спорот. Максималниот рок на мирното решавање на споровите е 20 дена, а првичниот рок е 10 дена. Доколку за 10 дена една од страните не е задоволна, се бара формирање на дополнително тело на помирување, така што максимум за 20 дена треба да заврши постапката. Медијатор во спорот е Драгица Исаиловска-Митровска.