Три сребрени кандила наскоро ќе почнат да горат во црковниот храм посветен на сечесниот гроб на Пресвета Богородица во Гетсиманија, во близина на Ерусалим. Ваков подарок денеска му бил врачен на митрополитот Јоаким од Ерусалимската патријаршија, кој е старешина на овој храм и кој престојуваше во посета на братството на Бигорскиот манастир предводено од епископот атаниски, Партениј. Се работи за возвратна посета на митрополитот Јоаким откако во 2022 година поголема група монаси и монахињи од Македонија го посетиле храмот посветен на Пресвета Богородица.
– Сега би сакале да ја изразиме својата голема и света благодарност кон мајката наша Богородица со еден скромен подарок за Нејзиното најголемо светилиште. Имено, уште при нашето сослужение во Гетсиманија, посакавме и ветивме да даруваме три сребрени кандила за светиот гроб на Мајката на Животот, како што е древен обичај таму. Но еве, денеска, според Божјата неиспитлива промисла, Богодорица нè удостојува да му ги предадеме лично на Нејзиниот верен и добар слуга и работник, игуменот на светата Гетсиманија, високопреосвештениот митрополит г. Јоаким. Овие сребрени кандила со позлата, обележани и со иницијалите на сесветиот гроб Христов, односно со логото на знамето на Божигропското братство на Ерусалимската патријаршија, се наш мал прилог на благодарност за преголемата светиња на Пресвета Богородица – изјави денеска епископот атаниски, Партениј.
thenewsgo.co