Тројца од повредените во трагедијата во дискотеката во Кочани и натаму се во критична состојба

Еден од четворицата критични пациенти кои се лекуваат во странство е во подобра здравствена состојба – информираат надлежните. Останатите тројца се уште се борат за живот и се со лоша клиничка слика. Во меѓувреме, се намалува бројот на повредени од пожарот во Кочани на кои им е потребно болничко лекување. Денеска се очекува враќање на двајца пациенти во земјава, од Полска и Белгија, а до крај на неделава има најави за враќање на повеќе пациенти, објави АЛФА.

„Цело време се критични. Едниот пациент кој беше критичен сега е многу подобар и веќе бројката на критични пациенти се намалува на три. Но тоа не значи дека така ќе продолжи. Кај некои пациенти, за жал, има флуктуација во нивната здравствена состојба изјави Таравари.

Паралелно, се врши тријажа на пациентите кои се пуштаат на домашно лекување, а се прави и консултација со медицинскиот персонал дома и во странство, за состојбата на повредените. За потешките пациенти на кои ќе им биде потребна рехабилитација, здравствените власти имаат неколку опции како во ГОБ „8 Септември“, Центарот за рехабилитација во Козле, но има и понуди за подолгорочна рехабилитација надвор од државата.

“Имаме неколку опции, да го адаптираме ковид-центарот во ‘8 Септември’, Центарот за рехабилитација во Козле исто така е подготвен со повеќе кревети, меѓутоа имаме понуди и за надвор од државата за оние што би биле рехабилитирани подолгорочно, се разбира, без трошоци за државата. За тоа ќе зборуваме од идната недела кога ќе се најавуваат потешките пациенти“,

 рече министерот Таравари.

По денешните исписи, на медицински третман во македонските болници остануваат 20 пациенти и 80 во странски медицински центри.

 

извор: АЛФА