Цените на услугите на Агенцијата за катастар на недвижности (АКН) во просек се зголемени за 25 до 30 проценти со стапувањето во сила на новите тарифници, изјави денеска директорот на Агенцијата, Борис Тунџев, објави slobodnaevropa.mk.
Причината за поскапувањето е сублимирањето на услугите од петте тарифници во два, но и зголемените трошоци за електрична енергија и за одржување на катстарските ИКТ системи, објаснува Тунџев.
„За нормално функционирање и осовременување на техничката поддршка и надградба на софтверот и апликациите се потребни повеќе средства. Цените не се енормно поскапени, туку на ниво на реално направени трошоци за одржување на електронските системи кои се од исклучителна важност. Цените на некои од услугите не е променета“, додаде Тунџев.
Тој објаснува дека промените на ценовникот по пет години се резултат на систематска анализа што ја прави Агенцијата.
„Во 2017 Катастар ги намали цените за 30 до 90 проценти. Ако се направат споредби со 2014, поголемиот дел на услугите се на ниво од 2014, односно 2017,“ вели Тунџев.
Тој најави дека доколку дојде до стабилизирање на енергетската криза, односно намалување на цената на електричната енергија и другите фактори кои имаат влијание на трошоците, Агенцијата ќе направи анализа и ќе излезе со свое видување во однос на потребата од корекција на цените на услугите.
Текстот во целост на: slobodnaevropa.mk.
фото: slobodnaevropa.mk.